ВИДЕО: Седмо славје во низа за Клиперси, Вашингтон не го дава источниот врв

Кошаркарите на Лос Анџелес Клиперс запишаа седма победа во низа во НБА лигата и одржаа чекор со водечките екипи на западот. Во својот „Стејплс Центар“ ноќва лесно се справија со Минесота Тимбервулвс (129-102). 

  • ЛА Клиперс - Минесота Тимбервулвс: 

Вулвси не успеаја да ги изненадат Клиперси, како што тоа беше случај со Лејкерси, па со половичен ефект заминуваат од Калифорнија. До победата својот тим го водеше Пол Џорџ, кој со 23 поени и девет скока имашше одлична партија. Кај Минесота се истакна Едвардс со 21 поен и девет скока, а и Џексон од Клиперси уфрли ист број на поени. Домаќинот имаше и два кошаркари со „дабл-дабл“ ефект, бидејќи Зубац и Хартштејн остварија по 12 скока, а уфрлија по десет, односно 12 поени. 

  • Орландо Меџик - Вашингтон Визардс:

Врвот на истокот не го дава Вашингтон, откако победи кај „фенерџијата“ Орландо (92-104). Спенсер Динвиди го предводеше тимот од главниот град на Соединетите Американски Држави до победата со двоен ефект (23 поени и 11 скока), додека му помогна искусниот Харел со 20 поени. Кај Орландо најдобар поединец беше 21-годишниот Кол Ентони (22 поени, четири скока, осум асистенции). 

  • Кливленд Кавалирс - Бостон Селтикс:

Кливленд го искористи домашниот терен и минимално славеше во изедначениот меч со Бостон (91-89). Селтикси продолжија со турбулентната игра, па по две победи пак се вратија на неуспесите. Иако го имаа најрасположениот Денис Шрудер кој уфрли 28 поени, одличната тимска партија им донесе победа на Кавалирси. Во домашниот табор најдобар беше Гарланд со 22 поени.

  • Јута Џез - Мајами Хит: 

На останатите терени, во првиот натпревар во европски термин Мајами Хит славеше кај Јута Џез (105-111), Индијана беше подобра од Филаделфија (118-113), Њу Орлеанс триумфираше со Мемфис (112-101) и Детроит се радуваше во Торонто (121-127).