ВИДЕО: Седмо славје во низа за Јокиќ и Денвер, Далас загуби во дербито на Тексас

Денвер Нагетс славеа против Сан Антонио Спарс во својата „Бол Арена“ со 106-96, за седма победа во низа во НБА лигата. Никола Јокиќ одново беше човекот кој го предводеше тимот до триумфот, а против Спарси собра речиси троен ефект. Иако гостите се обидоа да парираат, загубија во Колорадо од подобриот тим. 

  • Денвер Нагетс - Сан Антонио Спарс: 

Српскиот центар ги предводеше поентерите, откако уфрли 25 поени, а на нив надоврза десет асистенции за „дабл-дабл“, додека собра и девет скокови. Нему му помогна Портер кој имаше двоен ефект со 18 поени и 10 скокови, додека кај Спарси најпрецизен беше Мареј. 

По пет порази во низа, Хјустон Рокетс се врати на победите и тоа во дербито на Тексас против Далас Маверикс од 102-93. Пресметката во „Тојота Центар“ беше долго изедначена, а Џон Вол беше човекот кој го водеше Хјустон до славјето со 31 поен и седум асистенции. Рокетси го задржаа Дончиќ на „само“ 23 поени, колку што постигна и Порзингис, кој пак надоврза и 12 скокови. 

Бруклин Нетс убедливо го добија мечот со Њу Орлеанс Пеликанс со 139-111, Индијана беше подобра од Минесота во супер-ефектен дуел со 141-137, Бостон слави со Њујорк со 101-99. Домашни порази запишаа Атланта од Мемфис (113-131), Оклахома од Шарлот (102-113) и Орландо од Вашингтон (116-131), додека лидерот Јута по продолжение загуби кај Феникс (117-113)