Се раѓа голем кошаркарски проект: Пелистер в џеб има согласност за големи засилувања

Ако спортска Битола со недели слуша ракометни новости и засилувања, денес јавноста ја разбранува КК Пелистер, потврдувајќи две репрезентативни засилувања. Стајиќ и Трајковски ставија потпис на договор и треба да бидат најава за нови имиња и подигнување на квалитативното ниво.

Претседателот Сашко Наумов откри дека наскоро ќе дојдат уште неколку големи имиња во градот под Пелистер. Битолчани преговараат со репрезентативци на Македонија и несомнено дека мак-кошарката добива нов сериозен проект со високи амбиции.

„Веќе работиме на создавање на тим кој ќе игра позначајна улога и ќе поседува поголем квалитет. Потпишавме со неколку квалитетни македонски кошаркари во лигата. Во завршна фаза сме и наскоро ќе потврдиме уште неколку засилувања. Сите со кои преговараме се со високо македонско ниво и кошаркари кои ќе ја „разбудат“ кошаркарска Битола.

Имаме план за подготовки кој го направивме пред некој месец. Закажавме и веќе плативме подготовки во камп за кошарка кај Требиње и спремни сме за голем исчекор на Пелистер на македонската кошаркарска мапа“, рече претседателот Наумов.

Во меѓувреме, клубот е во завршни преговори за продолжување на договорите со некои од кошаркарите од ростерот 2019/20. По повеќе од една деценија Битола ја „тресе“ кошаркарска треска и најавите се дека од следната сезона Пелистер ќе игра значајна улога во македонската кошарка.