Играчите на Работнички: „Немаме сала за тренинзи, сами си плаќаме кирии, а управата ја нема!“

Кошаркарскиот клуб Работнички се наоѓа во лоша финансиска ситуација, веќе некое време се критикува нетранспарентната работа на управата, а откако неодамна имаше реакција од навивачите, сега на ред дојдоа и кошаркарите. 

Играчите и стручниот штаб на Работнички решија преку соопштение да ја обелоденат ситуацијата во клубот. На играчите им се должат плати, тимот нема каде да тренира, странците сами си ги покриваат трошоците за кириите, а има недостаток и на основни елементи за тренинзи.

  • Целосното соопштение од играчите на Работнички:

„Следствено последните збиднувања во клубот, ние, играчите и стручниот штаб на КК Работнички, решивме преку ова соопштение да ја обелодениме немилосрдната ситуација во која се наоѓаме.

Последните четири месеци сме буквално оставени на милост и немилост од страна на управата во клубот. Освен Бранко Радевски, ниту еден друг член од истата, вклучувајќи го и спортскиот директор Горан Веселиновски, не се појавил пред лицето на играчите. Тоталната негрижа и незаинтересираност се само едни од низата разочарувачки последователни настани кои ги преминаа сите граници.

Финансиските проблеми се повеќе од очигледни (на некои од играчите им се должат дури и пет плати од оваа и минатата година), меѓутоа, уште позастрашувачки е фактот што ние се наоѓаме во една крајно незавидна ситуација каде што веќе две недели немаме сала за тренинг и тренираме во школска сала која ги нема основните услови за еден тренинг каков што треба да има еден кошаркарски клуб од првата лига. Немаме ниту соодветни кошаркарски топки, немаме никакви лекарства. Мраз и бандажи за зглобови се мисловна именка. Замислете, доведени сме во ситуација ние сами да си платиме термин за тренинг во СЦ „Борис Трајковски“, само како би можеле да се подготвиме за претстојниот натревар против екипата на Пелистер. Постојат играчи и членови на стручниот штаб кои сами ги плаќаат кириите за становите каде што живеат, зашто во спротивно би биле избркани поради неплаќање од страна на управата, на некои натпревари патувавме со сопствени автомобили поради неспособноста да се најде превоз за целата екипа. Бевме испратени на пат до Сараево кој трае дванаесет часа без ниту еден оброк.

Доведени сме во ситуација да размислуваме за сите пропратни работи во клубот освен да се фокусираме на нашата игра која треба да е наш приоритет. Сите клубови ги добија своите ваучери освен нашиот поради административни пропусти на веќе споменатите (не)одговорни лица.

Поради горенаведените збиднувања со кои сме соочени, нашето присуство на следната утакмица во недела се доведува под знак прашалник. Доколку не се преземат конкретни чекори за подобрување на ситуацијата очекуваме да наидеме на разбирање од спортската јавност за нашите постапки. Спортски поздрав“.

Работнички и покрај проблемите по седум рунди котира солидно во мак-кошарката бидејќи има пет победи и два порази. Во осмото коло скопјани ги очекува пресметка со вицепрвакот Пелистер.