Се огласи Здружението на кошаркари: Ова е професија како секоја друга, време е да се стави крај на хаосот!

Откако вчера се огласи вицепрвакот Пелистер со барање до Кошаркарската федерација на Македонија за исполнување на пропозициите за услови за игра во салите, сега на истата тема соопштение испратија од Здружението на играчи. 

<<< - ПОВРЗАНО - КК Пелистер со јасен став: Бараме да играме во топли сали како според пропозициите!

Кошаркарите го поддржаа барањето на пелистерци за наметнување на моралност да се исполнуваат сите услови пропишани според предиспозициите. Не се бара ништо сложено, туку само топли сали и вистински кошаркарски услови за игра, но и во соблекувалните. 

  • Соопштението на здружението кошаркари ви го пренесуваме во целост:

„Следствено барањето од страна на КК Пелистер, ние, здружението на играчи, би сакале да ја известиме македонската јавност дека во потполност го поддржуваме нивниот јасно изнесен став. Условите за игра оваа натпреварувачка сезона се катастрофални во поголем дел од спортските објекти. Во неколку од нив нема дури ни соблекувални со топла вода, нема доволно топки за загревање, а греењето во салите е научна фантастика.

Нашето мислење е дека редно време е да се стави крај на овој тотален непрофесионализам во кошарката. Кошарката (спортот) е професија, како и секоја друга. Разлика прави фактот што на нас играчите не ни тече работен стаж како „сведок“ за сработеното. Дури и генерално кај јавноста, оваа професија првенствено е поимана како лесна, не толку сериозна и забавна. Некогаш не е ни поистоветена со професија. Меѓутоа, ние, спортските работници, буквално гинеме на терените за чесно да си го заработиме лебот, како и секој друг работник, со било каква поинаква експертиза. Во било која друга професија, работниците веќе и добиваат екстра мотиватори на работното место, со цел да имаат подобар перформанс, додека ние тука разговараме за елементарни неопходни услови.

Ладните сали, немањето на топла вода за капење во соблекувалните и немање доволно топки за загревање се и тоа како далеку од мотивацијата која ни е потребна. Искрено се надеваме на подобрување на севкупната хаотична ситуација во кошарката.

Спортски поздрав, Здружение на играчи“.

Македонскиот спорт секоја зима кубури на оваа тема, бидејќи голем дел од салите низ земјава немаат соодветно греење за ладните зимски денови. Освен натпревари во нив се одржуваат редовно и тренинзи, па најпогодени се спортистите.