• Саше Љолес
И покрај бројните шпекулации во изминатите денови, Кевин Пантер нема намера да ја напушти Барселона. Според шпанските медиуми, американскиот бек останува важен дел од плановите на каталонскиот гигант и на новиот тренер Александар Секулиќ.
Поранешниот капитен на Партизан има договор со Барселона до летото 2028 година, а во клубот не постои загриженост дека би можел да ја активира откупната клаузула.
Гласините за негово заминување се засилија по бројните промени во составот на Барселона. Мозес Рајт веќе се пресели во Олимпија Милано, откако ја активираше клаузулата за раскин на договорот, додека Торнике Шенгелија е блиску до трансфер во Дубаи, каде повторно би соработувал со тренерот Чави Пасквал.
Дополнителни шпекулации предизвика фотографијата на Пантер и Шенгелија, која на социјалните мрежи ја објави италијанскиот новинар Матео Андреани. Сепак, од Барселона порачуваат дека нема никакви индикации оти Американецот размислува за заминување.
„Во клубот нема информации дека Пантер сака да ја активира излезната клаузула. Тој е задоволен од својата улога и останува дел од проектот“, пренесуваат шпанските медиуми.
Пантер пристигна во Барселона во 2024 година по успешниот период во Партизан, а веќе по првата сезона ја продолжи соработката до 2028 година. По летните заминувања, тој е еден од лидерите на тимот, но и меѓу најплатените кошаркари во Евролигата.
Од ростерот што настапуваше минатата сезона, покрај Пантер останаа само уште Хуан Нуњез, Дарио Бризуела и Џоел Пара, кој неодамна потпиша нов договор со клубот до 2030 година.
