Се наѕира НБА Европа: Познати се 12 града од каде сигурно ќе има претставници

Извршниот директор на НБА Европа, Џорџ Ајвазоглу, потврди дека проектот за новата НБА Европа лига ќе започне во октомври 2027 година. Натпреварувањето ќе вклучи екипи од Рим, Милано, Лондон, Манчестер, Париз, Лион, Мадрид, Барселона, Берлин, Минхен, Атина и Истанбул.

Комесарот на НБА, Адам Силвер, изјави дека планот за старт во 2027 година е амбициозен, но не и невозможен. „Сега е вистинска прилика за нешто вакво“, рече Силвер.

Ајвазоглу објасни дека новата лига ќе има 16 екипи, од кои 12 ќе бидат постојани учесници, а уште четири ќе се квалификуваат преку резултати во европските натпреварувања и домашните првенства.

„Ќе биде полуотворен формат со 16 екипи. Дванаесет постојани, плус четири преку спортски резултати една од ФИБА Лигата на шампиони, која е наш партнер, и уште три од домашните лиги. Тоа е најинтересниот дел, бидејќи на сите им дава нешто кон што можат да тежнеат“, изјави Ајвазоглу.

Првиот човек на НБА Европа откри дека во иднина постои можност клубовите да одиграат натпревари против тимови од самата НБА лига.