Сè е подготвено: Светот го очекува големото НБА-финале!

Светот се подготвува за спектаклот наречен финале на НБА-лигата. Оваа сезона беше исполнета со многу изненадувања и неочекувани резултати, а тоа го потврдија Денвер Нагетс и Мајами Хит кои не се вбројуваа меѓу главните кандидати за титулата, но сепак се најдоа во големото финале. 

Мајами имаше многу потежок пат од Денвер затоа што „жешките“ преку „плеј-ин“ успеаја да влезат подоцна во „плеј-офот“, а таму имаа неколку исцрпувачки серии. Тимот предводен од феноменалниот Џими Батлер покажа дека со тимски дух и колективна игра, секој може да се надева на најголемите успеси.

Тимот на тренерот Ерик Сполстра успеа да го елиминира Милвоки Бакс кој беше посочен како главен фаворит за титулата, а потоа во финалната серија на истокот беа подобри од Бостон Селтикс со севкупни 4-3. Иако Мајами имаше водство од 3-0, сепак мораше да одигра уште четири натпревари за да се пласира во големото финале, затоа што Бостон не се предаде лесно успеа да се врати во серијата со три последователни победи. 

Малку е поинаква ситуацијата со Денвер Нагетс. Тимот на извонредниот Никола Јокиќ имаше импресивен настап во разигрувањето, а особено ја покажа својата сила во финалната серија од западната конференција против Лос Анџелес Лекерс. Скоро никој не очекуваше дека Нагетси со „метла“ ќе ги исфрлат Леброн Џејмс и „езерцата“, но сепак, Денвер со максимални 4-0 го завери својот пласман во големото финале. Никола Јокиќ и Џамал Мареј се први адути во тимот на тренерот Мајк Мелоун и ќе биде навистина интересно да се види како Денвер ќе се спротивстави на одличната тимска игра на Мајами. 

Главниот „ас во ракавот“ на „жешките“ е секако Џими Батлер, но тука се и искусните играчи како Кевин Лав, Виктор Оладипо, Кајл Лаури, Бем Адебајо и останатите. Освен повредениот Тајлер Хироу, изгледа дека Ерик Сполстра ќе ги има на располагање сите останати кошаркари во ростерот. Денвер нема преголеми проблеми со повредите, па затоа публиката може да очекува спектакуларна кошарка која ќе понуди голема неизвесност до самиот крај.

Обложувалниците во моментов благата фаворитска улога му ја препуштаат на тимот од истокот, веројатно поради искуството и титулите од минатото, но Денвер Нагетс е тим што може да победи секого и тоа го докажаа многу пати сезонава. Директните и индиректните дуели помеѓу лидерите Џими Батлер и Никола Јокиќ ќе бидат навистина интересни, а тука се секако и играчите од клупата кои ќе бидат од исклучителна важност во финалната серија. 

Финалето започнува ноќва во 02:30 часот по македонско време, а серијата стартува со два меча кои ќе се одиграат во Денвер, по што ќе следуваат уште два во Мајами. Најголем дел од американските спортски медиуми очекуваат новиот НБА шампион да биде познат по одигрување на шест или евентуално максимални седум натпревари.