• Саше Љолес
Еден од најлегендарните шпански кошаркари и актуелен капитен на „црвената фурија“, Руди Фернандез, изјави дека официјално ќе стави крај на својата богата кариера по завршувањето на Олимписките игри кои следната година ќе се одржат во Париз, Франција.
Шпанските медиуми објавија дека кошаркарот му дал ветување на својот покоен татко дека последен турнир во кариерата ќе му бидат Игрите во Париз, а Фернандез ќе се обиде да стигне до уште едно злато со својата национална селекција.
„Му ветив на мојот татко и сакам да го исполнам ветувањето. Мој последен турнир во професионалната кариера ќе бидат Олимписките игри. Сакам на најубав можен начин да се пензионирам, а идеалната варијанта би била да се вратиме дома со златниот медал околу вратот. Имам уште една година од договорот со Реал Мадрид и со задоволство ќе играм до самиот крај“, изјави Фернандез.
38-годишниот кошаркар годинава ќе настапи и на Светското првенство кое ќе се одигра во Јапонија, Индонезија и на Филипините, а Шпанија е вброена меѓу првите три кандидати за најсјајното одличје, заедно со репрезентациите на Соединетите Американски Држави и Франција. „Фуријата“ ќе допатува во силен состав, а искуството на Фернандез ќе биде од непроценливо значење.
Својата кариера Руди Фернандез ја започна во Хувентуд, а во 2008 година премина во НБА лигата и играше за Портланд Треил Блејзерс и Денвер Нагетс. Потоа се врати во Шпанија и потпиша за Реал Мадрид, каде настапува од 2012 година и е една од „иконите“ на најтрофејниот европски клуб.
Освојувач е на два златни медали од Европските првенства, беше светски шампион со Шпанија во 2006 година, а уште има и две „бронзи“ и едно „сребро“ од Олимписките игри. Од клупските остварувања, Руди Фернандез освои три титули во Евролигата со Реал Мадрид.