Савиќ: Нè очекува можеби и најважниот натпревар оваа сезона

Екипата на Маџари се наоѓа пред еден од најважните предизвици сезонава, а во пресрет на третиот натпревар од финалната серија против МЗТ, своето очекување го сподели Јован Савиќ.

Иако шампионот има предност од 2-0 во серијата, Савиќ потенцира дека резултатот не ја отсликува целосно сликата на теренот. Според него, двата одиграни натпревари биле крајно неизвесни и решавани во самиот финиш, што остава простор за оптимизам во редовите на неговиот тим.

„Нè очекува можеби и најважниот натпревар оваа сезона. И покрај тоа што губиме со 2-0, покажавме дека можеме да играме рамноправно со МЗТ. Нашата цел е јасна – да ја продолжиме серијата“, изјави Савиќ.

Тој верува дека домашниот терен може да биде клучен фактор во обидот за пресврт, а воедно испрати и повик до навивачите да дојдат во што поголем број и да му дадат дополнителен мотив на тимот.

„Поддршката од трибините може да направи разлика. Ги повикувам сите наши навивачи да дојдат и да нè бодрат, затоа што заедно можеме да избориме уште еден натпревар“, додаде Савиќ.

Третиот дуел од финалната серија меѓу МЗТ Скопје и Маџари се игра вечерва со почеток од 19:00 часот.