Саша Димитријевиќ повторно ќе биде дел од МЗТ Скопје!

Поранешниот тренер во стручниот штаб на МЗТ Скопје, Саша Димитријевиќ, кој во меѓувреме работеше и како селектор на Македонија во речиси сите младински репрезентативни категории, е новиот координатор на младинската школа на аеродромци.

Негова главна задача ќе биде целосна реорганизација и унапредување на работата на талентите, за што поседува огромно искуство и докажан квалитет.

Во текот на својата долгогодишна кариера низ неговите раце поминаа голем број млади кошаркари, кои подоцна ги бранеа боите на македонските репрезентации и остварија успешни кариери.

Заедно со управата на клубот и тренерите од младинската школа, Димитријевиќ ќе работи на подигнување на нивото и интензитетот на работа, како и на враќање на препознатливиот сјај на младинскиот погон на МЗТ Скопје, место каде што со години се создаваа врвни кошаркари.