• Иван Димовски
Солунски ПАОК би можел да стане трет грчки претставник во кошаркарската Евролига од сезоната 2026/27.
Според информациите на „СДНА“, неизвесноста околу иднината на Асвел во натпреварувањето, како и финансиските проблеми со кои се соочува Монако, би можеле да отворат простор за нов учесник. Токму тука се споменува ПАОК како сериозен кандидат за специјална покана. Наводно, солунскиот клуб би можел да добие вајлд-карта за настап во елитното европско натпреварување. Истиот извор наведува дека ПАОК располага со доволно финансиски средства за да ја плати специјалната покана потребна за учество во Евролигата.
Првичните разговори веќе биле остварени, а од Евролигата наводно позитивно гледаат на ваквата можност. ПАОК само што го ангажираше тренерот Андреа Тринкиери и најавува амбициозни планови за следниот период.
Во моментов солунскиот тим настапува во ФИБА Европа купот, каде што во четвртфиналето ќе се соочи со Перистери, додека во грчкото првенство се наоѓа на четвртата позиција.




