„Само Љуљ и Стеф Кари имаат таков убиствен шут, тие се од друга планета“

Извонредниот ветеран на Реал Мадрид, Серхио Љуљ, игра во одлична форма во полуфиналната серија од Ендеса лигата, каде „кралевите“ со „метла“ ја исфрлија Барселона.

Љуљ на првите два меча беше во одличен ритам, постигна 16 и 18 поени, но најмногу брилираше од линијата зад 6,75 метри. Некои тројки беа навистина спектакуларни и ги постигна скоро од половина терен, по што неговите соиграчи го споредија со ѕвездата на Голден Стејт Вориорс, Стеф Кари. 

„Изданието на Љуљ беше магично. Со полни 36 години игра како да има десет помалку. За неговиот шут веќе мислам дека многу е кажано, нема што да дополнам. Спектакуларен играч, би сакал да остане во Реал уште барем една или две години“, изјави тренерот Чус Матео. 

Кон пофалбите се приклучи и соиграчот на Љуљ, Босанецот Џанан Муса, кој не штедеше суперлативи и изјави дека толку убиствен шут има само Стеф Кари. 

„Јас во животот имам видено само двајца играчи со таков шут. Едниот е Серхио, а другиот е Стеф Кари од Голден Стејт. Кога тие двајца ја исфрлаат топката, веднаш знаете дека мрежичката ќе биде „скината“. Имаат соколово око, неверојатно чувство за шут и маестрална прецизност. Изгледа дека двајцата се од друга планета. Драго ми е што играм со барем еден од нив“, рече Муса. 

Реал Мадрид несреќно го загуби финалето во Евролигата од Панатинаикос, но во домашното се пласираше во финалето и ќе игра за трофејот.