Само 15% од играчите во НБА исполнија услов: Дончиќ, Дејвис, Дурант не се во конкуренција за награди

Ситуацијата околу доделувањето на индивидуалните награди во НБА лигата сезонава ќе биде специфична, а причината е бизарна. 

Само 84 играчи од целата лига ги исполнуваат основните услови за кандидатура за најголемите награди како најкорисен играч (МВП), дефанзивец на годината (ДПОЈ), играч кој најмногу напредувал (МИП), идеални петорки, најдобри дефанзивни петорки... Причината е јасна, за да се учествува во овие избори потребно е еден играч да одигра 65 натпревари во сезоната, а повредите „косеа“ секаде во оваа кампања. 

Олеснителна околност и логична е дека ова не важи во изборот на „Руки на годината“ и за најдобар шести играч во сезоната. Бројката од 84 играчи кои го исполнуваат главниот услов носи процент од 15,7% од целата лига.

Поради бројните проблеми, многу ѕвезди останаа без шанса да се борат за најпрестижните лични награди. Меѓу најзапазените тука со сигурност се Лука Дончиќ, Џоел Ембид, Ентони Дејвис, Кевин Дурант, Виктор Вембањама, Дејмиан Лилард, Џими Батлер, Џамал Мареј, Џа Морант...