Самарџиски: Играта со Работнички да ни биде пример за понатаму!

Предраг Самарџиски во салата „Градски парк“ го одигра најдобриот меч за МЗТ Скопје и со „дабл-дабл“ учинок од 16 поени и 16 скока ги водеше аеродромци до триумф над градскиот ривал Работнички (70-74). По дуелот, тој беше задоволен од изданието на тимот, а вели дека сега доаѓа вистинскиот предизвик, во финишот на сезоната.

„Дербито меѓу МЗТ и Работнички е најголемиот спортски настан во Македонија. Влеговме фокусирани во мечот, а кога се игра против екипа како Работнички, важно е да се наметне стил на игра и да се диктира темпо. Одржувавме разлика во поголемиот дел од мечот и им го затворивме нападот. Во третиот период Работнички имаше добар налет, но ние се одбранивме, а потоа по наши грешки пред крај го вративме противникот во игра, но потоа успеавме да славиме. Сега не чекаат другите предизвици, влегуваме во завршницата на сезоната и секој меч ќе ни биде како финале. Секоја победа ќе ни значи многу, како да сме освоиле трофеј. Мора во секој меч да влегуваме како во дербито со Работнички и да го држиме фокусот што ни е поставен од стартот на сезоната, а тоа е влез во АБА-лигата, одбрана на трофеј во Купот на Македонија, а потоа и напад на шампионскиот трон. Мислам дека оваа екипа е конструирана за такво нешто“, изјави Самарџиски.

МЗТ Скопје со триумфот кај градскиот ривал се искачи на првото место во Првата лига, а зад нив се Работнички и Блокотехна, со скор 13-2.