Самарџиев: Сутјеска заслужено победи, ние не бевме на висината на задачата

Кошаркарите на Работнички немаа успешен кам-бек АБА2 лигата, откако пред своите гледачи забележаа пораз од екипата на Сутјеска со конечни 58-71. 

Тренерот Горан Самарџиев спортски го призна поразот и дека на неговите избраници им е потребно искуство во ваквите натпревари.

„Сутјеска заслужено победи, ние не бевме на висината на задачата. Одигравме една четвртина добро, но тоа е недоволно за да му парираш на овој искусен тим на Сутјеска. Се виде дека паднавме по излегувањето на Јовичиќ, во тој момент не одговори нашиот втор плејмејкер соодветно. Ни направија разлика и потоа беше тешко да се вратиме.

Се враќавме само во одредени секвенци со по два до четири поена. Се виде дека момците во последната четвртина, кога видоа дека натпреварот е загубен, како да се опуштија и почнаа да играат. Се гледа дека ни фали огромно искуство, се гледа дека сме еден млад тим и пред се физички инфериорни во однос на гостинската екипа, што во АБА лигата прави разлика. Ќе гледаме да се подобриме во следните натпревари и да извлечеме поука од овој пораз", рече Самарџиев.

Во следното коло македонскиот тим ќе отпатува на исклучително тешко гостување кај Војводина во Нови Сад.