Самарџиев: Поминуваме низ криза, а игравме против аспирант за влез во АБА лигата

Работнички го доживеа и вториот убедлив пораз во рамки на АБА2 лигата откако вечерва загуби на гостувањето кај Војводина со 93-62 во рамки на второто коло.

Македонскиот тим беше во негатива во текот на целиот натпревар. Центарци“ беа со скратена ротација, бидејќи на гостувањето во Нови Сад заминаа со девет играчи, па заморот си го направи своето во вториот дел.

„Им честитам на кошаркарите на Војводина за победата, бидејќи денес беа подобри од нас. Поминуваме низ криза и се надевам дека ќе ја надминеме во следниот период. Дојдовме со девет играчи, Јовичиќ е повреден и ни недостасуваат повеќе играчи. Имаме млад тим кој не е искусен, а тимот на Војводина е еден од фаворитите за влез во АБА лигата. Сакаме да работиме и да се подобриме на секој следен натпревар“, рече тренерот на Работнички, Горан Самарџиев.

Од останатите македонски тимови во АБА2, МЗТ во четврток гостува кај Цедевита Јуниор, а Пелистер својот дуел против Подгорица го игра на 15 октомври на гостински паркет.