• Горан Упале

Екипата на Работнички сама одлучува за својата позиција на табелата во пресрет на плеј-офот во Првата кошаркарска лига на Македонија. По големата победа на гости кај Пелистер, „центарци“ ќе се судрат со уште еден ривал од плеј-офот зоната и против Куманово ќе бркаат победа вредна трета позиција по крајот на регуларниот дел од шампионатот.
Тренерот Горан Самарџиев вели дека атмосферата во тимот е одлична и за дуелот со Куманово побара голема поддршка од своите верни фанови.
„После добрата претстава во Битола и победата над Пелистер нашиот тим доби на самодоверба и сега сме во позиција да одлучуваме за нашето место на табелата. Очекувам тежок натпревар со Куманово, каде што во меѓусебен дуел ќе се одлучува кој ќе има пол-позиција пред плеј-офот. Очекуваме голема поддршка од нашите верни навивачи „Сити Парк Бојс“ и максимална ангажираност на тимот. Очекувам фер и коректен натпревар, па нека победи подобриот“, рече тренерот на најтрофејниот.
Натпреварот меѓу Работнички и Куманово се игра в недела со почеток од 19:30 часот.