ФОТО: Салата во Куманово остана без семафор, одложен натпреварот против Пелистер

Натпреварот помеѓу МКК Куманово и Пелистер во рамките на 14. коло на Првата лига, нема да се одигра поради технички проблеми во салата, односно нефункционирањето на семафорот. 

Битолчани пристигнаа во Куманово во обид да се вратат на побединички патеки после поразот од МЗТ Скопје, но не успеаја ниту да се испотат откако на загревањето стана јасно дека нема услови за одигрување на натпреварот. Пелистерци пред да ја напуштат салата спортски со аплауз ги поздравија домашните фанови кои дојдоа во огромен број да ја бодрат својата екипа.

Токму Пелистер пред десетина дена бараше строго применување на правилата, исправност на семафорите и потребна температура за одигрување на натпревари во зимски услови. Очигледно сите прволигаши не ги исполнуваат критериумите на федерацијата.

Наскоро ќе биде објавена информација за новиот термин во кој ќе се одигра дуелот од 14. коло во Првата кошаркарска лига.