Сакраменто се раздели со 16. најдобар стрелец во НБА

Демар Дерозан и официјално е слободен кошаркар, откако Сакраменто Кингс објави дека спогодбено ја прекинал соработката со искусниот бек кој е 16. најдобар стрелец во НБА лигата.

Шесткратниот учесник на „Ол-стар“ натпреварот имаше делумно гарантиран договор за следната сезона, но двете страни се договорија за разделба. Американските медиуми пренесуваат дека за Дерозан интерес постои од неколку НБА екипи кои имаат плејоф амбиции, меѓу кои и клубови што нема да успеат да го ангажираат Леброн Џејмс.

Иако е роден во јужна Калифорнија, Лос Анџелес Лејкерс засега не се споменува како можна дестинација за искусниот бек. Според актуелните информации, најсериозни кандидати за неговиот потпис се Детроит Пистонс и Торонто Репторс.

Сакраменто се одлучи на овој потег пред сè поради финансиски причини. Договорот на Дерозан за сезоната 2026/27 изнесуваше 25,7 милиони долари, но гарантирани беа само 10 милиони. Со раскинот, клубот ќе може да го распореди тој износ во следните три години и дополнително да го намали оптоварувањето на буџетот за плати.