ВИДЕО: Сакраменто го искористи отсуството на Ленард, Јокиќ одличен против Јута

Сакраменто Кингс

Најголемото изненадување во вечерта со шест натпревари во НБА лигата го приреди  Сакраменто кој успеа да слави на гости кај Лос Анџелес Клиперс (103-124). Најзаслужен за триумфот беше расположениот Д'Арон Фокс со 34 постигнати поени. За домашниот тим поради лични причини не настапи првата ѕвезда Каваи Ленард.

Никола Јокиќ беше прв поентер кај Денвер во триумфот над Јута (106-100). Дербито на Западната конференција го одлучи српскиот центар со 28 поени и десет асистенции. Залуден беше блесокот на гостинскиот резервен играч Џордан Кларксон (37).

Домашно славје запиша и Бостон против Голден Стејт (119-104). Селтикси ги добија сите четвртини и се искачија на третата позиција на Истокот.

Филаделфија продолжи да се мачи на гостувањата и со пораз ја напушти Атланта (127-117). Трае Јанг оствари учинок од 39 поени и 18 асистенции и беше главниот „виновник“ за тешката вечер на Сиксерси.

Во останатите два натпревари, Кливленд потклекна пред шампионот Торонто (109-115), а Вашингтон го надигра Шарлот (121-107).