Сакети повика еден дебитант за „балонот“ во Перм

На една недела пред зааминувањето за Перм, каде ги чекаат финалните мечеви од квалификациите за Евробаекетот 2022, селекторот на Италија, Мео Сакети го објави и скратениот список на играчи на кои ќе смета за мечевите во февруарскиот „прозорец“ на ФИБА.

За трите мечеви во „балонот“ во Перм (15-22. февруари), два од нив со нашиот национален тим, Сакети се определи за 14 кошаркари. Меѓу нив има и еден кошаркар кој за прв пат добива повик за настап во „аѕурниот“ тим.

Станува збор за Габриеле Процида, млад кошаркар кој настапува за Канту, кој со своите 200 сантиметри ќе чека шанса за деби на крилната позиција. По претходното „отсуство“ на турнирот во Талин кој се играше во ноември, минатата година, се враќаат Филипо Балди Роси, Џордано Бортолани, Матео Спањоло и Леонардо Тоте.

Под Урал, селекцијата на Италија ќе одигра три натпревари. Првиот од двата меча со „црвено-жолтите“ е закажан за 18 февруари, од 15:30 часот. На 19 февруари, Италија игра против Естонија, во истиот термин, додека вториот меч со Македонија, тимот на Мео Сакети го игра на 21 февруари, од 13:00 часот.

Составот на Италија за „балонот“ во Перм:
Марко Спису (1995, 184, бек-Сасари), Амедео Дела Вале (1993, 194, бек-Будуќност-Црна Гора), Леонардо Канди (1997, 190,бек-Реџо Емилија), Томасо Балдасо (1998, 191, бек-Фортитудо Болоња), Амедео Теситори (1994, 208, центар-Виртус Болоња), Џампаоло Ричи (1991, 202, крило- Виртус Болоња), Матео Спањоло (2003, 193, бек-Реал Мадрид–Шпанија), Џордано Бортолани (2000, 193, бек-Бреша), Филипо Балди Росси (1991, 207, крило/центар-Реџо Емилија), Микеле Витали (1991, 196, бек-Бросе Бамберг–Германија), Леонардо Тоте (1997, 211, центар-Фортитудо Болоња), Давиде Алвити (1996, 200, крило-Трст), Никола Акеле (1995, 203,  крило/центар-ДеЛонги Тревизо), Габриеле Процида (2002), 200, бек/крило-Канту).