„Сакаме да го задржиме победничкиот ритам и да славиме и во Гевгелија“

По големите победи над МЗТ Скопје Аеродром и Гостивар, „црвено-белите“ пред уште еден сериозен предизвик. Работнички гостува кај Кожув во Гевгелија, а тоа е натпревар тимот на Димитар Мираковски ги игра со силна мотивација. 

Кирил Николовски и негоите соиграчи ги исполнија обврските во уводните два натпревари. Прво го добија вечното дерби со МЗТ Скопје Аеродром, а потоа во голема драма го совладаа Гостивар, на гостински терен.

„Немаме простор за некој одмор, но нема штедење на силите. Сакаме да го задржиме тој победнички ритам кој го наметнавме на почетокот на лигата. Гостувањето во Гевгелија е второ по ред, а за да не биде баш идеално за нас, говори и тоа дека веднаш по средбата со Кожув заминуваме за Златибор.

Иако го добивме двете средби, треба да сме свесни дека не смее да ни се повторат оние последни четвртини односно од сигурна предност која ја стекнуваме во претходните три да влегуваме во неизвесни завршници, како што беше на пример, на средбата во Гостивар. Почеток е на сезоната, и добро е да се победува, но не на таков начин“, вели високото крило на „црвено-белите“. 

Натпреварот во Гевгелија се игра со почеток во 16.00 часот.