• Горан Упале
Кошаркарската репрезентација на САД на свој терен славеше убедлива победа од 114-57 над Уругвај во седмото коло на групата Е од квалификациите за Светското првенство наредната година.
Американците доминираа уште од стартот на мечот, првиот квартал го добија со позитива од 20 поени (28-8), а во продолжение разликата само растеше, за на крај да достигне високи 57 поени. Во редовите на победничкиот тим 11 од 12 кошаркари беа двоцифрени. Најуспешен беше Френк Мејсон со 16 поени и 8 асистенции, а солидни беа и Чејсон Редли со 15 и Дерик Вајт со 14 поени.
Кај Уругвајците единствен кој забележа двоцифрен учинок беше Хоакин Родригез со 11 поени. Со оваа победа САД се закова на лидерската позиција во групата Е со скор од шест победи и еден пораз.
За разлика од американските кошаркари, фаворизираната Аргентина едвај стигна до победа во дуелот со Мексико. Најдобрата јужноамериканска репрезентација со минимални 78-74 славеше над цврстите Мексиканци, а најзаслужен за тоа беше Кампацо со 26 постигнати поени.