• Мартин Танасковски

Кошаркарската репрезентација на САД која е главен фаворит за медал на Мундијалот ја одигра првата доминантна партија и во рамки на последното коло од групата убедливо ја совлада Јапонија (98-45).
Она што се очекуваше од САД на ова првенство, се виде дури во последното коло од групната фаза. По победата над Чешка, а потоа и тешкиот триумф по продолжение над Турција, избраниците на Грег Попович конечно покажаа класа и запишаа триумф од 50 поени разлика.
Жртва беше Јапонија, последната селекција во групата, која завршува со три порази на три меча. САД тргна моќно, поведе со 13-0 на стартот и ниту еднаш не му дозволи на противникот да се надигрува.
- Извештај од натпреварот:
Прво име во победата беше Џејлин Браун со 20 поени, Кемба Вокер постигна 15 поени, а Барнс заврши со 14 поени, додека кај „самураите“ единствен со двоцифрен учинок беше Баба.