САД на колена пред Французите: Светот ќе добие нов кошаркарски владетел! 

Светот ќе добие нов кошаркарски владетел. По вчерашната сензационална елиминација на првиот фаворит за златниот медал, Србија, попладнево куферите прерано ги спакува и бранителот на титулата САД

Во првиот денешен четвртфинален напревар на СП во Кина, Франција се погрижи за ново големо изненадување и на фантастичен начин славеше над САД со 79-89 и закажа полуфинале против Аргентина.

Извештај од натпреварот: 

Европската селекција помотивирано го отвори мечот и не дозволи големиот фаворит да наметне свој стил на игра, кој би значел убедлив пораз. По првите десет минути на семафорот стоеше 18-18, додека во наредните „триколорите“ влегоа во ритам, беа непогрешливи во офанзивата и со борбена одбрана успеаја да се одлепат дури на осум поени разлика, но на одмор заминаа со шест поени предност (39-45).

Проблемите за избраниците на Попович продолжија и во третиот квартал. Фурние и Гоберт влегоа во серија и Франција за првпат се искачи на +10, но следеше пад на концентрацијата, која Американците ја искористија и по подолго време го презедоа водството (66-63). 

Финалните десет минути започнаа во знакот на кошаркарите на САД, кои продолжија со позитивната игра и се одлепија на +7. Франција не се предаде, направи серија од 9-1 и во последните две минути влезе со водство од 76-80, кое не го испушти до самиот крај и извојува заслужена победа од 79-89.

Фурние со 22 и Гоберт со 21 поен се најзаслужните за историскиот успех и пласманот во полуфиналето на Франција, додека единствен расположен кај САД беше Мичел со 29 поени.