Русија пресилна за Македонија, против БиХ за опстанок во А-дивизија

Кадетската кошаркарска репрезентација (У16) не успеа да ја мине првата пречка во нокаут-рундата и во рамки на осминафиналето загуби од врсниците од Русија (70-45) кои одиграа одличен натпревар.

„Зборнаја“ одлично ја анализирала играта на нашата репрезентација и ги затвори сите продори кон рекетот. Шутот на Македонија тешко функционираше на оваа средба, посебно за три, во кој за триесетина минути, нашите надежи уфрлија само две тројки од 20 обида. Исто така, нашите надежи беа и натскокани од противникот.

За вкупно три периода, Македонија даде само 25 поени, што е (пре)малку за надеж за успех на меч во А-дивизија. Во првиот квартал паднаа седум, исто како и во третиот, додека во вториот се реализираа четири поени повеќе. Поради тоа, Русија во последните десет минути влезе со висока предност (48-25), која никако не дозволуваше занимлива завршница.

Единствен кошаркар со двоцифрен учинок кај Македонија беше Митревски со 14 поени, а Симиќ даде шест поени, а кај Русија, Румша заврши со 12 поени, Ниагу имаше „дабл-дабл“ од 11 поени и 11 скока, како и Панов со 10 поени и 11 скока.

Поради поразот, Македонија ќе разигрува за пласман против Босна и Херцеговина. Доколку се победи балканската селекција, ќе се разигрува за пласман од 9 до 12 место, а истовремено ќе биде осигурано местото во А-дивизија и на наредното ЕП.

Доколку не се победи Босна и Херцеговина, тогаш Македонија нема да има избор и ќе мора да го освои 13. место, за да не се врати пак во Б-дивизија.