Рубио со емотивна порака: Мамо, те загубив пред три години, но ова е за тебе...

Рики Рубио одигра фантастично финале против Аргентина и беше еден од лидерите на Шпанија во освојувањето на Светското првенство (СП) кое се одржа во Кина.

По натпреварот тој беше прогласен и за МВП на првенството, а на прес-конференцијата даде емотивна порака. Триумфот и наградата ја посвети на неговата почината мајка, која во животот му била најголема поддршка.

„Ја загубив мојата мајка пред три години. Таа беше зад мене и секој ден ме туркаше напред за да бидам се подобар. Знам дека нема човек на светот што ме сакаше повеќе од неа. Таа е мој секојдневен мотив. Не е тука, но понекогаш се чувствувам како да е до мене“, изјави Рубио.

Покрај што ја доби МВП-наградата, Рубио, кој во просек бележеше 15,9 поени по меч, се најде и во „ол-стар“ тимот на шампионатот.