Романија без капитените на Маркоски на мегдан со Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација со победа ја стартуваше втората фаза од претквалификациите за ЕП 2021 година, откако на гости со минимални 73-76 славеше над селекцијата на Косово. 

Нашите момци во овој претквалификациски прозорец ги очекува уште еден натпревар, в недела на свој терен против Романија, која на оваа средба ќе бидат ослабени со неколку клучни кошаркари. 

Новиот селектор, Тудор Костеску за Скопје се одлучи да патува без искусните Андреј Мандаче и Влад Молдавеану, кои под водство на нашиот стратег Заре Маркоски беа капитени, додека во неговиот список се најде Орбеану, кој иако се жали на повреда, постојат шанси да настапи на неделниот меч. 

Романија во следниот состав ќе ѝ се спротистави на Македонија: 

Јулијан Орбеану (Питешт), Тудор Георге (Питешт), Дан Лукас Тохатан (Сибиу), Џордан Вотсон (Орадеа), Раду Палициуц (Питешт), Богдан Никулеску (Орадеа), Александру Олах (Лајден), Антон Диаконеску (Динамо Букурешт), Драгош Дикулеску (Темишвар), Мирел Лав (Сибиу), Емануел Кате (Мурсија), Нандор Кути (Клуж).