Робев промаши за победа, Куманово загуби во трилерот против Ибар

Кошаркарите на Куманово загубија на домашниот меч против Ибар Розаје (79-81) во натпревар од второто коло на БИБЛ лигата.

Македонскиот претставник започна одлично и во напад и во одбрана. Меѓутоа стекнатата предност по првите десет минути ја испушти во втората четвртина. Сосема спротивно беше изданието на кумановчани пред паузата, па резултатот на семафорот кога екипите заминаа во соблекувална гласеше 42-42.

Ниту еден тим не успеа да направи висока разлика во продолжението. Детали одлучуваа која ќе ги освои бодовите, Марковски погоди тројка за да намали на 79-80 на седум секунди до крајот. Меѓутоа Хот беше прецизен од линијата за слободни фрлања и донесе гостинска победа. Херој во завршниот напад можеше да биде Робев кој промаши шут за три поени.

Залудни 33 поени постигна Марковски, а кај Ибар се истакнаа Симовиќ и Хот со 15 поени.