Рига доби организација на уште еден „балон“ од квалификациите за ЕП за жени

Квалификациите за настап на Евробаскетот 2021 во женска конкуренција, поточно оној ноемвриски „прозорец“, ќе се одиграат на шест различни локации. На три од нив, домаќините ќе пречекаат претставници од две квалификациски групи.

Со одобрение на Бордот на ФИБА Европа „двојни домаќинства“ ќе имаат Ираклион (Грција, Истанбул (Турција) и Рига (Летонија), каде од претходно беше одредено дека ќе се играат мечевите од групата И во која настапува и нашата женска сениорска селекција.

Освен групата А, Ираклион ќе ги пречека и селекциите од групата „Б“ (Израел, Црна Гора и Шведска).

Покрај групата Е, во Истанбул ќе се играат натпреварите и од групата „Ф“ (Белорусија, Велика Британија и Полска), додека пак покрај групата И, во која се Македонија, Хрватска, Германија и Летонија, во главниот летонски град ќе се играат и дел од мечевите од групата Д во која се Чешка, Данска, Италија и Романија.

Од ФИБА информираат дека комплетниот распоред на натпреварите во деветте групи ќе биде објавен подоцна во текот на овој месец.

Според актуелниот календар на ФИБА, селекцијата која ја предводи Владимир Ѓоровиќ, на 12 ноември треба да игра против Хрватска, a два дена подоцна, на 14 ноември, нашите сениорки ги чека дуел против репрезентацијата на Германија.