Репрезентативниот колега на Вембањама ја засили шпанската Барселона

Барселона официјално го промовираше Јоан Макунду како ново засилување, со што каталонскиот клуб дополнително ја засили конкуренцијата под обрачите. Французинот потпиша договор до јуни 2028 година.

Макунду минатата сезона имаше турбулентен период, бидејќи играше и во Кина за Фуџијан, а потоа се врати во Монако за завршницата на сезоната. Токму од редовите на францускиот клуб пристигнува во Барселона.

Ова не е првпат Барса да се интересира за 26-годишниот крилен центар. Каталонците сакаа да го доведат и минатото лето, но тогаш Монако ја блокираше преселбата. Овојпат трансферот конечно е реализиран.

Макунду, кој е висок 207 сантиметри, треба да донесе физичка сила, енергија и разновидност во рекетот. Во новиот состав на тренерот Александар Секулиќ ќе дели минутажа со Џош Нибо и Олек Балчеровски.