• Мартин Танасковски

Македонскиот кошаркарски вицепрвак Пелистер со пораз од црногорска Подгорица (74-93) ги заврши настапите во регионалната АБА-2 лига уште во групната фаза, со вкупен скор 1-5 и последна позиција на табелата.
Прва фигура на натпреварот беше Џошуа Мика Арон Скот, Американецот кој настапува за Подгорица и кој испиша рекорд во натпреварувањето. Бекот постигна неверојатни 53 поени во кошот на Пелистер за 38 минути на паркетот во „Боро Чурлевски“, што е навистина импресивен податок.
Што се однесува до текот на мечот, Пелистер го загуби дуелот во последниот период. Се држеа „зелените“ три квартали, но на влезот во последните десет минути гостинот од 64-70 влезе во шутерски ритам и замина на 64-87 со една супер-серија.
Како што споменавме, Скот постигна 53 поени за Подгорица, пред Смит со 17 поени, додека кај Пелистер, Бојиќ имаше 16, а Антоан 14 постигнати поени, пред Мишковиќ со 13 постигнати поени.