Рекорд на сезоната за Вучевиќ, катастрофа за Далас и повреда на Флег

Кошаркарите на Чикаго Булс остварија драматична победа над Јута Џез со 128-126, а централна фигура на натпреварот повторно беше Никола Вучевиќ, кој уште еднаш ја презеде одговорноста во клучните моменти.

Искусниот центар одигра блескава партија со 35 поени, а победата ја запечати со решавачки кош на само четири секунди до крајот. Со тоа, Вучевиќ уште еднаш потврди дека е човек од доверба во завршниците, потсетувајќи дека веќе двапати сезонава постигна „клач“ поени за триумф на Чикаго и тоа со тројки против Филаделфија и Портланд. Покрај поентерскиот учинок, Црногорецот натпреварот го заврши со седум скока и пет асистенции.

На спротивната страна, и покрај поразот, вечерта за паметење ја имаше Брајс Сенсибо, кој одигра натпревар на кариерата и постигна рекордни 42 поени, но неговиот индивидуален блесок не беше доволен Јута да стигне до победа.

Во друг натпревар од НБА програмата, Денвер Нагетс рутински го совладаа Далас Маверикс со 118-109, контролирајќи го текот на натпреварот во поголемиот дел од средбата. Лидер беше Џамал Мареј, кој запиша 33 поени, дополнети со два скока и пет асистенции, додека значаен придонес даде и Ерон Гордон со 22 поена, шест скока и три асистенции. Кај Далас најрасположен беше Наџи Маршал, кој постигна 24 поени, со уште пет скока и три асистенции.

Натпреварот, сепак, беше засенет од повредата на младиот Купер Флег, првиот пик на последниот НБА драфт, што претставува сериозна грижа за стручниот штаб и навивачите на Маверикс.

На останатите натпревари, Торонто ја совлада Индијана со 115-101, Кливленд предводен од Митчел славеше над Филаделфија (133-107), Њу Орлеанс тесно беше подобар од Бруклин (116-113), Сакраменто го доби Њујорк (112-101), а ЛА Клиперс беа подобри од Вашингтон (119-105).