ВИДЕО: Рекорд на сезоната за Јокиќ, ЛА Лејкерс успеа и без Дончиќ

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ повторно беше во центарот на вниманието во НБА лигата, водејќи го својот тим Денвер Нагетс до нова победа, овојпат над Сакраменто Кингс со резултат 130-124. Со оваа победа, Денвер ја продолжи својата доминација над Сакраменто, забележувајќи шеста последователна победа против „кралевите“, вклучувајќи ги и средбите од минатата сезона (2023/24).

Двократниот МВП одигра маестрален натпревар, постигнувајќи 34 поени, најмногу за него во тековната сезона, на кои додаде 14 асистенции и 7 скокови. Иако овојпат не стигна до нов „трипл-дабл“, Јокиќ го продолжи својот импресивен низ од најмалку дабл-дабл учинок на сите шест натпревари сезонава. Српскиот центар шутираше 14 од 22 од игра и реализираше четири тројки од 10 обиди.

Одлична партија одигра и Расел Вестбрук, кој против својот поранешен тим запиша 26 поени (10/17 шут), 12 скокови и 6 асистенции, најдобри статистички показатели за него во оваа сезона. Кај Сакраменто, дури седуммина кошаркари завршија со двоцифрен број поени, но ниту тоа не беше доволно да се избегне поразот. Зак Лавин, кој во просек постигнуваше 29,5 поени по натпревар, остана далеку под своето ниво, постигна само 15 поени со шут од 4/11 од игра.

Лос Анџелес Лејкерс успеа да победи на гостувањето кај Портланд Блејзерс како аутсајдер со резултат 123-115, иако во тимот го немаше Лука Дончиќ кој пријави повреда. Ајтон одигра одлично за „езерџиите“ со 29 поени и десет скока, го следеше Хачимура со 28 поени, додека кај Портланд, Авдија имаше 33 поени.