Редок потег во модерниот спорт: Побара 113 милиони помалку за тимот да биде поконкурентен!

Модерниот спорт често дава негативни примери во кои спортистите „трчаат“ по пари, а во сенка останува сè останато. Ретки се примерите како овој, а доаѓа од врвот на кошарката - НБА лигата.

Еден од лидерите на Њујорк Никс, Џејлен Брансон, направи потег за почит во преговорите за новиот договор. Никси беа подготвени да му дадат максимална плата од 269 милиони долари. Сепак, Брансон наводно побарал 113 милиони помалку, па потпиша соработка на четири години за сума од 156 милиони долари. 

Мотивите на Брансон се за да се остави простор во „салари-капот“ за засилување на тимот. Тој ги стави клупските амбиции пред финансискиот личен мотив и само побара од Никси да доведат уште некое име за следната сезона. 

Досега тимот од Њујорк се засили со Микал Бриџис кој во трејд дојде од Бруклин. Бриџис ќе биде добра адиција за тимот во кој лидери се Брансон, Дивинченцо и Харт, а се очекува обид за доведување на уште некој квалитетен играч за напад на титула.