Реал прв „удри“ во финалето, убедливи +20 против непрепознатливата Барса

Кошаркарите на Реал Мадрид со убедлива победа од 20 разлика ја отворија финалната серија на плеј-офот на Ендеса лигата, откако вечерва во Мадрид ја совладаа Барселона со 87-67. Иако сезонава имаа многу проблеми во „Ел Класико“ дуелите, ги загубија двата првенствени натпревари и финалето на Купот на Кралот, момците на Ласо блеснаа на почетокот од борбата за титулата.

„Кралевите“ постојано беа во водство, на крајот од првиот период побегнаа на +12 и не погледнаа назад, туку само ја зголемуваа разликата.

Најефикасни поединци во победничката екипа беа Кампацо со 19 и Љуљ, Рендолф и Тејлор со по 11 поени. Во таборот на Светислав Пешиќ се истакнаа Ертел со 14 и Ориола со 13 поени.

Вториот натпревар се игра исто така во Мадрид во понеделник навечер од 21:00 часот. Првак ќе биде првата екипа која ќе стигне до три победи.