ВИДЕО: Реал Мадрид постави тројкашки рекорд и се пласира во ТОП-8 во Евролигата

Екипата на Реал Мадрид ја забележа најважната победа во сезоната во Евролигата. Шпанскиот тим славеше на гости кај Фенербахче (67-93) и се пласира во ТОП-8 фазата каде ќе се разигрува за титулата.

„Кралевите“ мораа да победат за да не испаднат за првпат по повеќе од десет години, па успеаја во намерата. На натпреварот во Истанбул шпанскиот тим постави и нов рекорд кога се говори за тројките, затоа што кошаркарите на Реал погодија 19 пати од зад линијата.

Косер беше најефикасен кај „кралевите“ со 20 поени, пред Дек со 19 поени, а кај Фенербахче најрасположен за игра беше Де Коло со 23 поени.

До полн плен очекувано дојде и ЦСКА Москва, на домашен терен против Асвел (88-70). Најдобар кај „армејците“ беше Лундберг со 23 поени, а Ерик додаде 21, а кај францускиот тим Јабузеле финишира со 23 поени.

Алба Берлин на домашен терен во меч без значење ја совлада Црвена Звезда (81-58). Бундеслигашот до победата го водеше Сива со 17 поени, Италијанецот Фонтекио постигна 13, а Ериксон заврши со 12 поени. Кај белграѓани најмногу се истакна Симоновиќ со 12 поени.

Жалгирис ја заврши сезоната со победа над Панатинаикос (93-78). Лекавичиус со 20 и Вокап со 18 поени беа најдобри кај стрелците кај литванците, додека Недовиќ кај ПАО постигна 17 поени.