Реал Мадрид добива НБА засилување пред стартот на домашниот плеј-оф

Шпанскиот кошаркарски гигант Реал Мадрид е во завршна фаза од преговорите со турскиот центар Омер Јуртсевен, кој би можел да пристигне како мега-засилување пред почетокот на плејофот во шпанската АЦБ лига.

„Кралевите“ имаат проблеми под кошот поради повредите на Валтер Тавареш и Алекс Лен, што значително ја намали ротацијата на центарската позиција. Поради тоа, клубот реагираше брзо и се насочи кон Јуртсевен како опција за итно засилување.

Турскиот репрезентативец оваа сезона настапуваше за Панатинаикос, но на крајот на февруари се раздели со грчкиот клуб. Потоа кратко се пресели во САД, каде играше и во НБА и во развојната Г-лига.

Во НБА имаше ограничена улога со просек од неколку поени и скокови по натпревар, додека во Г-лигата бележеше значително подобри бројки и беше еден од поефикасните играчи во тимот.

Јуртсевен нема да има право на настап во Евролигата, но ќе може да игра во домашното првенство, каде Реал Мадрид останува еден од главните фаворити за титулата.