• Саше Љолес
Кошаркарите на Реал Мадрид славеа победа со 94-87 во шпанското евролигашко дерби против екипата на Басконија, кое се играше во рамки на петнаесеттото коло. Мадридскиот гигант долго се бореше за да го завери триумфот, а клучната предност ја создаде во третиот период, кој го доби со 29-21.
Басконија возврати во последните десет минути и внесе дополнителна драма, но „кралевите“ успеаја да останат фокусирани кога беше најпотребно и го впишаа деветтиот сезонски триумф. Најдобар поединец во победничкиот тим беше Марио Хезоња со 17 поени. Најефикасен играч на мечот беше Порториканецот Маркус Хауард со пет поени повеќе.
Макаби го совлада тимот на Асвел со 92-84, Олимпија Милано на домашен терен беше поуспешна од грчкот Панатинаикос (96-89), а шпанската Валенсија ја продолжи агонијата на Анадолу Ефес и победи со конечни 94-82. Триумф оствари и литванскиот Жалгирис, кој славеше на гостувањето кај Париз Баскет со конечни 105-108.












