Реал ја декласира Барселона во второто евролигашко „Ел Класико“

Кошаркарите на Реал Мадрид забележаа убедлива победа во второто сезонско „Ел Класико“ во Евролигата, откако дома ја победија Барселона со 80-61 во 22. коло. 

„Кралевите“ одиграа подобро прво полувреме во кое стекнаа предност која подоцна само ја надоградија. Реал ги доби сите четвртини против лутиот ривал и сосема заслужено стигна до нова голема победа, откако славеше и во првото сезонско дерби во европската елита. 

До победата Реал Мадрид го водеа Гаруба со 16 поени, додека по 12 уфрлија Дек и Хезоња, а Таварес заврши со 11. Во Барселона двоцифрени беа Бризуела (13), Лапровитола (12) и Шенгелиа (10).

Гостински триумф за одбрана на врвот на табелата забележа Хапоел Тел Авив кај Асвел (73-81). Израелскиот клуб стигна до 15. победа во Евролигата и се одржа пред Реал на врвот.