Разиграниот Пелистер си поигра со вардарци во дербито на дното

Кошаркарите на Пелистер запишаа значајна победа во директниот дуел за опстанок против Вардар, во дуел игран вечерва во спортската сала „Боро Чурлевски“. Битолчани ги совладаа вардарци со 98-80 (31-17, 20-18, 25-22, 22-23) во натпревар во еден смер и целосна доминација на „зелено-белите“.

Избраниците на Зоран Тодоровиќ започнаа многу одговорно, играа цврста одбрана и уште во седмата минута стигнаа до двоцифрена предност. Американецот Билер го наполни кошот на „црвено-црните“ и по првите десет минути битолчани поведоа со +14.

Вториот домашен Американец Харис и Богданоски ја продолжија домашната доминација и во третиот период и Пелистер во 29. минута дојде до 20 поени разлика. 

Билер продолжи во ист стил и во 16. минута дојде до 20 поени, а пелистерци ја зголемија предноста на +16. Гостите од Скопје се потпреа на поени од рекетот, па Анастасов и Темелковски погодија во последните две минути од вториот период и на големиот одмор се замина со 51-35 за Пелистер. Тодоровиќ го изротира тимот и битолчани рутински го приведоа натпреварот кон крај и славеа со 98-80.

Најефикасни поединци во битолскиот табор беа Билер со 34 и Харис со 17 поени, а кај Вардар се истакнаа Анастасов со 18, Темелков со 15 и Цветковски со 13 поени.  

Денес, 18. коло го отвори Гостивар со победа во Чаир против Шкупи со 68-125. Останатите три натпревари од ова коло се играат утре, а највозбудливо треба да биде на дуелот во СЦ „Јане Сандански“, каде МЗТ Скопје го пречекува Кожув.