• Саше Љолес
Шпанскиот евролигаш Басконија објави дека потпишал двегодишен договор со американскиот кошаркар Дејмион Бо, со можност соработката да биде продолжена за уште една сезона.
26-годишниот играч, кој може да настапува како плејмејкер и бек шутер, во Виторија пристигнува по одлична сезона во која играше во развојната НБА лига, Африканската национална лига и канадското првенство.
Во дресот на Вали Санса во „Џи“ лигата, Бо просечно постигнуваше 22,4 поени, 5,9 скока, осум асистенции и 2,1 украдена топка по натпревар.
Во март се пресели во либискиот Ал Ахли, со кој настапуваше во БАЛ-лигата, каде остави голема трага. Во третото коло постави рекорд со 18 асистенции на еден натпревар, а истата недела го забележа и првиот трипл-дабл во историјата на натпреварувањето - 11 поени, 11 скока и 10 асистенции.
Сезоната ја заврши во канадскиот Калгари Сарџ, за кој одигра шест натпревари, а сега ќе го направи првиот чекор во европската кошарка со дресот на Басконија.
