• Саше Љолес

Новиот член на македонската кошаркарска репрезентација, Мозес Рајт, беше задоволен од победата над Австрија (59-91) во втората претквалификациска фаза за Европското првенство, истакнувајќи дека тимот одиграл колективно, но има работи кои може да се поправат.
Рајт придонесе со дванаесет поени и девет скока, а воедно беше и одличен во играта под кошевите, токму таму каде што имавме големи проблеми во минатиот период.
„Мислам дека одигравме одлично, иако имавме некои загубени топки. Тоа се сегменти што може да се поправат во иднина. Мислам дека добро се вклопив во екипата, задоволен сум од мојот настап.
Знам дека секогаш може да биде подобро, но допрва ќе растеме како тим. Се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и дека ќе го совладаме и Кипар во Скопје.
До ноември има време, можеме да се подготвиме уште подобро. Знаеме дека Кипар е силна физичка репрезентација, но се надевам дека нема да имаме големи проблеми“, изјави Американецот.
Следниот натпревар против Кипар се игра на 26 ноември. Македонија покажа дека со овој ростер може да биде многу незгоден противник за сите репрезентации.

