• Горан Упале
Maкедонскиот кошаркарски тренер, Емил Рајковиќ бележи одлични резултати на стартот од својата ера во тимот на Тофаш. По победата во првото коло од турскиот шампионат над Фенербахче, Рајковиќ и Тофаш имаа и успешен старт на сезоната во групната фаза од кошаркарската Лига на шампиони.
Турскиот тим синоќа ја впиша првата гостинска победа, а Рајковиќ триумфот над Трапани Шарк му го посвети на Владимир Блажев Панчо – пејачот на групата „ДНК“ кој вчера почина како последици од повредите со кои се здоби од пожарот во дискотеката Пулс во март оваа година.
„Сакам да им честитам на моите момци за нивниот пристап и одличната партија. Оваа победа сакам да ја посветам на мојот пријател кој почина денес, Владимир Блажев Панчо од бендот „ДНК“. Тој секогаш ми беше голема поддршка. Нека му почива душата во мир. Знам дека сега е на подобро место“, емотивно изјави Рајковиќ по победата.
По две одиграни кола во групата Д од Лигата на шампионите, Тофаш е на втората позиција на табелата со две победи, колку што има и Тенерифе.



