• Горан Упале
Кој би очекувал? Емил Рајковиќ на своето деби на клупата на Тофаш Бурса го урна моќниот Фенербахче! Во првото коло од новата сезона во турската кошаркарска елита Тофаш приреди првокласна сензација, затоа што му нанесе болен пораз на еден од најдобрите тимови во Европа и бранител на титулата во Турција – Фенербахче. До историската победа тимот на Рајковиќ славеше со поени со звукот на сирената за конечни 80-78.
Екипата на Шарунас Јасикевичиус претрпе многу промени ова лето и неколку момци дојдоа од НБА, па затоа сосема разбирливо беа големи фаворити на овој натпревар, но во кошарката понекогаш се случуваат чуда.
Македонскиот тренер овој пат излезе како победник, откако на крајот „измисли“ фантастична акција на тајм-аутот која неговите кошаркари ја реализираа и заслужено славеа голема победа.
Литванскиот интернационалец Марек Блажевич имаше одлична вечер, постигнувајќи 21 поен за Тофаш, додека за поразениот тим Тејлен Хортон-Такер постигна 24 поени.

