• Горан Упале
Македонскиот кошаркарски стратег Емил Рајковиќ и официјално е претставен за нов тренер на ЦСКА Москва. Рускиот гигант денес организираше прес-конференција, во која Рајковиќ ја претстави својата филозофија и план како ќе го води тимот во претстојната сезона.
ЦСКА Москва во новата сезона нема да се натпреварува во Евролигата, меѓутоа на домашно тло мора да се докаже одново, бидејќи годинава го загуби тронот од Зенит.
„На сите кои ја сакаат ЦСКА би сакал да им порачам дека сум среќен и чест ми е што сум овде и се надевам дека ќе имаме многу прекрасни моменти заедно. Не играме во Евролигата, но сигурен сум дека ќе има многу возбудливи натпревари во ВТБ лигата и многу причини за задоволство. Кога стигна понудата од ЦСКА, не размислував многу. Мислам дека за шеснаесет години, колку што сум тренер го стекнав потребното искуство и тоа ќе ми помогне во работата во новата сезона.
Што се однесува на стилот на игра кој ќе го промовираме, многу работи ќе бидат појасни откако ќе го формираме тимот. Во претходните сезони, особено во тие под водство на Итудис, ЦСКА играше допадлива кошарка. Главна цел ќе ни биде агресивност во одбраната од што ќе произлезат брзи напади. Би сакал да имам колку е можно повеќе достапни и вклучени кошаркари во игра бидејќи тоа е услов за висок интензитет“, рече македонскиот стратег на прес-конференцијата.
- Прес-конференцијата на Емил Рајковиќ во ЦСКА Москва:
За Рајковиќ, рускиот гигант ќе биде врв на досегашната кариера. Досега 43-годишникот ги водеше Карпош Соколи, Фени Индустри, Работнички, МЗТ Скопје во Македонија, а во странство работеше во Сласк, Стал Остров и Астана.