Рајковиќ го посети претепаниот Швед, тренерот со поддршка за својот играч

Легендарниот руски кошаркар Алексеј Швед пред неколку дена беше претепан од петмина хулигани на улиците во Москва. 34-годишниот член на ЦСКА Москва, каде тренер е нашиот Емил Рајковиќ, доживеал напад од непознати лица и се здобил со потешки телесни повреди. 

Швед се наоѓа во болница каде заздравува од повредите, а доби посета и од тренерот Рајковиќ, кој дојде да му даде поддршка на својот играч. ЦСКА ја загуби полуфиналната серија во ВТБ-лигата од Локомотив Кубан, но не е познато дали нападот на Швед има поврзаност со поразот на „армејците“. 

Инцидентот се случил на први мај, а Швед бил нападнат пред еден московски ресторан во центарот на градот. Вкупно пет лица биле учесници во немилиот настан, а кошаркарот не успеал да се одбрани и го извлекол „подебелиот крај“. Не е познато уште колку ќе трае рехабилитацијата на Швед, а за сериозноста на повредите доволно говорат и сликите од посетата на тренерот Рајковиќ. 

Полицијата веднаш започнала истрага и за многу кратко време биле приведени три момчиња на возраст од 17 до 20 години кои го признале нападот и сега се соочуваат со обвинение. Се трага и по останатите двајца учесници во нападот. Казните за физичка пресметка со тешки повреди во Русија се ригорозни и предвидуваат затворски казни од најмалку две години.