Радуловиќ: Сакам да гледаме петти натпревар, одиме на победа пред нашата публика

Тренерот на Пелистер, Дарко Радуловиќ, го најави третиот натпревар од финалната серија против МЗТ Скопје и ветува голема борба за остварување на првата победа пред своите гледачи. 

„Металците“ имаат водство од 2-0, но Радуловиќ смета дека Пелистер одиграл квалитетно во првите два меча и се надева на продолжување на серијата. 

„Мислам дека на првите два меча бевме во најмала рака еднаков ривал, ако не и подобар во одредени моменти. Неколку ситни нијасни го одлучуваа победникот, неколку офанзивни скокови и моменти на мала деконцентрација. 

На првиот натпревар имавме многу технички грешки, а на вториот ни недостасуваше концентрација во клучните моменти. Некогаш искуството доаѓа на виделина и ги решава овие дуели, но сега се фокусираме на првиот меч во Битола. Ако победиме, верувам дека ќе гледаме петти натпревар во серијата. 

Играчите мора добро да се одморат, но мора и да ја вратиме самодовербата и мотивацијата. Играме против голем ривал, но со поддршката од нашата верна публика мислам дека можеме да ја оствариме зацртаната цел“, изјави Радуловиќ. 

Пелистер ќе го пречека МЗТ Скопје во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Третиот натпревар од финалната серија е закажан за 25 мај, со почеток во 18:30 часот.