Радуловиќ: Ротацијата беше клучна за триумфот над „вечниот ривал“

Дарко Радуловиќ запиша прв успех како прв тренер на МЗТ Скопје. Младиот стратег ќе го памети Купот на Македонија како прво натпреварување кое го освоил и тоа со триумф над најголемиот ривал Работнички. По мечот, стратегот им честита на играчите за постигнатото, но не ги заборави и претходниците.

„Задоволството покрива се. Честитки за победата на моите играчи и на сите во тимот. Тие беа фантастични кога беше најпотребно. Би сакал да се заблагодарам и на уште неколку лица: Ѓорѓи Кочов - мојот претходник, кој има огромна заслуга за трофејот, како и членовите на стручниот штаб. Благодарност и на раководството кои ми ја доверија клупата, а и до моите најблиски соработници. Играчите оставија срце на терен, дојдоа, покажаа дека имаат квалитет и победија. 

Пред натпреварот кажав: „Момци, ако имаме над 20 поени во транзиција, победуваме!“ Денес дадовме 26. Одбраната беше на високо ниво, примивме помалку од 70 поени и скокот беше на ниво. Ротацијата беше клучна, особено во „вечно дерби“ со квалитетен Работнички. Имавме дополнителна свежина за нашата филозофија“, изјави Радуловиќ.

МЗТ Скопје сега се насочува на домашниот фронт, каде следат дуели со ТФТ во лигата. Аеродромци се фактички бранители на титулата, затоа што во последното издание кога лигата се играше до крај, тие се искачија на тронот.